Трошоците за увоз на храна може да соборат рекорд во 2023-та

Глобалните трошоци за увоз на храна би можеле да достигнат нов рекорд оваа година, иако би требало да се зголемат многу побавно отколку во текот на претходната 2022 година, бидејќи повисоките цени ја намалуваат побарувачката, особено во најранливите земји, процени агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО.

Трошоците за увоз на храна годинава би требало да достигнат 1,98 трилиони долари, што би било за 1,5 отсто повеќе отколку во 2022 година. Тие пораснале за 11 отсто минатата година, а за 18 отсто во 2021 година, според ФАО кој својот полугодишен извештај го објави во четвртокот.

Увозот на храна во развиените економии повторно ќе порасне, додека во групата на најмалку развиени земји ќе се намали за 1,5 отсто, а во земјите во развој кои се нето-увозници на храна за 4,9 отсто, наведува ФАО.

„Намалувањето на обемот на увоз на храна во овие две групи е загрижувачко, бидејќи доведува до констатација на намалена куповна моќ“, предупредува ФАО.

„Загриженоста е зголемена поради фактот што пониските цени на основните прехранбени производи на меѓународните пазари не, или барем не целосно, се преточени во пониски цени во домашната малопродажба, што сигнализира дека притисокот врз трошоците за живот може да се прошири до 2023 година“, забележува ФАО.

„Затоа се важни внимателно измерените интервенции на владите во борбата против инфлацијата“, вели вишиот економист на ФАО, Ел Мамун Амрук.

Во исто време, агенцијата на ОН оценува дека годинава треба да се зголеми производството на повеќето прехранбени производи.

Исклучок е производството на пченица, кое би можело да се намали за 3 отсто од рекордните 777 милиони тони во 2022 година, што ги одразува очекуваните падови во Русија и Австралија поради, како што предвидува ФАО, пониските засеани површини под влијание на веројатните екстремни временски настани.

Глобалното производство на крупни житарки треба да се зголеми за 3 отсто, на 1,5 милијарди тони, што е нов рекорд, поттикнат од очекуваното значително зголемување на производството на пченка во САД и рекордната жетва во Бразил.

Треба да се зголеми производството на маслодајни семиња, млеко и шеќер, како и производството на месо и риба. Производството на риба и морска храна, исто така, ќе се зголеми, бидејќи зголеменото одгледување ќе го компензира намалениот слободен улов.