Слично по шемата на Семос, секогаш кога фирмата Брилијант – инаку во сопственост на Мите Николов близок пријател на Бранко Црвенковски и спонзор на СДСМ – ќе се појавела на некој од тендерите – со помош на одлуките на Шилегов таа била избрана за најповолен понудувач, вели Сашо Трпевски од ВМРО ДПМНЕ обвинувајќи го портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов дека како претседател на Второстепената комисија за одлучување по жалби помагал фирмата „Брилијант“ да добие тендери.
„Па така со решение број 46-673/2 на ден 05 февруари 2005 година Петре Шилегов донесол решение со кое жалбата на фирмите Макпетрол и Окта за повикот за избор на најповолен понудувач за набавка на екстра лесно масло за греење за потребите на министерството за труд и социјална политика се одбива како неоснована. Со ваквата одлука изборот за најповолен понудувач паѓа на фирмата Брилијант. Ова не е единствениот случај. Со друго решение со број 46-1200/2 донесено на 14.09.2005 година жалбата на Пекабеско АД Скопје се одбива и се избра за најповолен понудувач спонзорот на СДСМ Мите Николов и неговата фирма Брилијант. Со помош на потписот на Шилегов Брилијант добива уште еден тендер, имено со решението 46-1443/2 се одбива жалбата на Макпетрол во однос на отворениот повик за набавка на нафта на греење и огревно дрво за потребите на Општината Штип и за најповолен понудувач е токму фирмата на спонзорот на СДСМ Мите Брилијант“, вели Трпевски.
Според Трпевски, Шилегов потпишал пет решенија со кои што отворил пат „Брилијант“ да ги добие тендерите.
„Со денешниот скандал се гледа дека- не се работи за поединечен случај туку за организиран систем каде со одлуките на Шилегов фирми кои неспорно се блиски до СДСМ, нивни спонзори и луѓе од раководството од оваа партија добивале бизниси и значајни зделки. Сеуште јавноста чека одговор – господине Шилегов како е можно да се стекнете со три катна куќа, со стан од 88 м2 и два автомобили Мерцедес и Ауди – а да сте пријавени на минимална плата“, вели Трпевски.