
Канадскиот премиер Џастин Трудо во петокот го посети Доналд Трамп на неговиот имот на Флорида, неколку дена откако новоизбраниот претседател на САД ѝ се закани на Канада со царини поради проблемите на границата.
Посетата на Трамп не беше наведена во јавниот распоред на канадскиот премиер, но Трудо бил виден како излегува од хотел во Вест Палм Бич на Флорида, и се упатува кон Мар-а-Лаго, имотот на републиканецот во оваа сојузна држава, известуваат медиумите.
Во понеделникот Трамп се закани дека ќе воведе царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико доколку тие земји не сторат повеќе во борбата против трговијата со дроги, особено со препаратот „фентанил“, и да ги спречат мигрантите да влезат во Соединетите држави.
Функционери од Мексико, Канада и Кина, заедно со претставниците на индустријата, предупредија дека царините најавени од републиканецот ќе ги загрозат економиите на сите вклучени земји.
Секој удар врз економијата на Канада би му додал нов проблем на Трудо во време кога неговата популарност е на најниско ниво во последните години поради забавувањето на економијата и зголемените трошоци за живот. Анкетите покажуваат дека либералите на Трудо се на пат да бидат поразени од конзервативците на изборите што треба да се одржат до октомври следната година.
Трудо оваа седмица свика состанок со премиерите на сите десет канадски провинции за да разговара за односите со САД. Канада е четврти најголем производител на нафта во светот и шести најголем производител на гас во светот. Огромното мнозинство енергетски производи одат во САД, а Трамп не прави исклучок за нив во својот тарифен план, потсетува Reuters.