Победата на републиканецот Доналд Трамп на претседателските избори во САД во 2024 година може да ги загрози глобалните напори против климатските промени, изјави канадскиот премиер Џастин Трудо во интервју објавено во петокот.
Трамп, кој го минимизира значењето на климатските промени, особено причините кои ги предизвикуваат, минатата седмица рече дека кога ќе се врати на власт ќе се откаже од сегашното американско ветување, според коешто земјите во развој треба да добијат три милијарди долари од САД за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
Поранешниот претседател ги критикуваше инвестициите на администрацијата на Бајден во обновливи извори на енергија за време на кампањата.
„Да, постои загриженост особено за животната средина во време кога е толку важно да се напредува за да се заштити и да се изгради економијата на иднината“, рече Трудо во интервју за кандаската телевизиска мрежа CBS.
„Претседателството на Трамп коешто оди наназад во однос на климатските промени ќе го забави глобалниот напредок на начини што ме загрижуваат“, додаде Трудо, опишувајќи го пристапот на администрацијата на Трамп кон климата како „закана, не само за Канада, туку и за светот“.
Своевремено Трамп го опиша Трудо како „неискрен и слаб“ лидер.
Законот за борба против инфлацијата на Бајден, кој предвидува големи вложувања во ткн зелена транзиција, ја поттикна Отава да потроши милијарди за да привлече автомобилски производители од светот да произведуваат електрични возила и компоненти за батерии во Канада.