Трудо се извини за аплаузот на поранешниот нацист во парламентот

„Ова е грешка што длабоко ги засрами парламентот и Канада“, рече канадскиот премиер, Џастин Трудо. Претседавачот Ентони Рота, кој ја презеде одговорноста да го повика Јарослав Хунка (98), поднесе оставка во вторникот. Аплаузот за поранешниот нацист, кој беше претставен како „украински херој“, наиде на глобална осуда.

„На Канада ѝ е крајно жал. Сите ние кои бевме во парламентот во петокот длабоко жалиме што стоевме и аплаудиравме иако го сторивме тоа без да бидеме свесни за контекстот. Страшно е поради сеќавањето на милионите луѓе кои загинаа во Холокауст“, рече канадскиот премиер.

Јарослав Хунка, кој се бореше во нацистичка единица во Втората светска војна, доби овации и беше поздравен како украински и канадски херој. Служел во 14-та гренадирска дивизија на Вафен-СС, волонтерска единица составена претежно од етнички Украинци под нацистичка команда.

Трудо му се извини и на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој во тоа време беше во посета на Канада и беше присутен во парламентот. Украинскиот лидер беше меѓу оние кои беа фотографирани како му аплаудираат на Хунка, слика што се користи во руската пропаганда.

Членови на дивизијата беа обвинети за убиство на полски и еврејски цивили, иако судот не ја прогласи единицата за виновна за воени злосторства. Рота рече дека не знаел за нацистичките врски на Хунка и дека згрешил што го поканил во парламентот.

„Претседателот на парламентот е единствено одговорен за поканата и признавањето на овој човек и тој целосно ја прифати таа одговорност и поднесе оставка“, рече Трудо.

Канадските еврејски организации ја поздравија одлуката на Рота да се повлече. Но, од Центарот за проучување на холокаустот Пријатели на Симон Визентал велат дека „останува прашањето како дошло до овој дебакл“.