Државниот инспекторат за труд (ДИТ) утврди дека отказите кои им беа доделени на дел од вработените во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ на почетокот на месецов се незаконски, објави денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кој уште на почетокот го ваквиот потег на директорката Косана Мазнева.
Согласно инспекциската мерка на ДИТ, додаваат од Сојузот, раководството на „Комунална хигиена“ треба да донесе писмен акт со кој ќе ги поништи одлуките поради нивната незаконитост.
„Очекуваме дека Управниот одбор на ЈП ’Комунална хигиена’ на седницата која ќе ја одржи денеска, постапувајќи согласно инспекциската мерка, како и врз основа на поднесените приговори од работниците, да донесе одлука со која ќе ги поништи отказните решенија и вработените ќе ги врати веднаш на работните места. ССМ апелира на дијалог помеѓу СУТКОЗ и раководството на Комунална хигиена Скопје“, наведуваат од ССМ.
Отказите на 30-ина вработени во „Комунална хигиена“ следуваа откако директорката Мазнева обвини оти претпријатието било под заложништво на, како што рече, „мафијашки структури“, но поради заштита на лични податоци не сакаше да ги објави нивните имиња туку ги повика надлежните институции побрзо да постапуваат.
Скопје неколку дена на почетокот на јули беше во комунален колапс поради блокада на претпријатието на дел од вработените. Тие побараа оставка од директорката поради отпуштања на дел од нивните колеги, а дополнително соопштија дека бараат зголемување на платите, исплата на К-15 и бенефициран работен стаж.