Тунис: Пронајдени уште 14 тела на мигранти по бродоломот, 24 загинати

Уште 14 тела на мигранти од субсахарска Африка се извлечени од морето крај Тунис, со што бројот на жртвите од потонувањето на брод со илегални мигранти кој пловел кон Европа се искачи на 24, соопшти во четвртокот тамошната крајбрежна стража.

Крајбрежната стража во средата извести дека пронашла десет тела на мигранти од субсахарска Африка по бродоломот во вторникот во Средоземното Море во близина на Сфакс, во источен Тунис.

Телата на уште 14 мигранти, меѓу кои и шест жени, и тунискиот „капетан“ на потонатиот брод беа пронајдени за време на операцијата за пребарување предводена од крајбрежната стража, изјави во четвртокот портпаролот на туниската национална гарда.

Повеќе од 400 мигранти и бегалци се удавија во првите три месеца од 2023 година додека се обидуваа да преминат од Северна Африка во Европа преку централниот дел на Средоземното Море, што е најмногу во последните шест години, соопшти во средата Меѓународната организација за миграција (IOM).

Портпаролот на туниската национална гарда во четвртокот рече и дека 41 туниски мигрант, меѓу кои пет жени и девет деца, биле спасени во близина на Суза, на истокот на земјата.

Тунис, чиј дел од брегот е оддалечен помалку од 150 километри од италијанскиот остров Лампедуза, редовно известува за обидите на мигрантите, главно од субсахарска Африка, да заминат за Италија. Заминувањата се зголемија по остриот говор на тунискиот претседател Каис Саид на 21-ви февруари, во кој тој жестоко ја нападна илегалната имиграција.

По тој говор, добар дел од 21.000 граѓани на субсахарски африкански земји кои се официјално регистрирани во Тунис, а чиј статус главно не е регулиран, одеднаш останаа без работа и станови поради кампањата против илегалните имигранти.

Италијанската влада во вторник прогласи вонредна состојба, бидејќи во последните седмици голем број мигранти пристигнуваат преку Средоземното Море. Околу 2.000 мигранти пристигнаа со бродови во текот на велигденскиот викенд во Лампедуза од северноафриканскиот брег. На Лампедуза има повеќе од 1.800 мигранти, а во прифатниот центар има место само за 400.

Според податоците на италијанското Министерство за внатрешни работи, годинава во Италија пристигнале 28.000 мигранти, што е повеќе од четири пати повеќе отколку во истиот период лани кога пристигнале 6.900 мигранти.

Европската агенција за граничен надзор (Frontex) наведува дека речиси 28.000 илегални мигранти пристигнале преку централната медитеранска рута во првиот квартал годинава, што е трипати повеќе отколку во истиот период во 2022 година.