![tomislav-tuntev-sobranie-pres](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/11/tomislav-tuntev-sobranie-pres.jpg?resize=640%2C363&ssl=1)
Ќе предложиме амандмани на предлог-законот за употреба на јазиците, најави во средата координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, според кого со овој закон ќе се заокружи Рамковниот договор од 2001 година во делот на човековите права, откако мнозинството во парламентот ја изгласа потребата од носењето закон за употреба на јазици.
„Со денешното изгласување на потребата за донесување на Законот за употреба на јазиците почнува постапката за целосно решавање на ова прашање, што е отворено со потпишување на Рамковниот договор“, рече Тунтев.
Притоа истакна дека со носењето на овој закон конечно ќе се заокружи процесот на имплементација на Рамковниот договор во делот на унапредување на човековите права во државата.
„Очекувам дека во соработка со коалициските партнери, но и со останатите пратеници во текот на амандманската расправа, значи во следната фаза ќе дојдеме до комплетно решение што ќе биде во интерес на сите граѓани и на сите етнички заедници. Ние како пратеничка група или дел од неа веќе работиме на амандмански предлози што очекуваме дека ќе придонесат кон подобро и поквалитетно законско решение“, рече Тунтев.
Според Тунтев, клучна и единствена цел на СДСМ е Македонија да стане општество во кое сите ќе бидат еднакви и во правата и во обврските.
Според листингот за гласање за потребата за носење на Предлог законот не се изјасниле двете пратенички од ДОМ, за што Тунтев изјави дека без разлика што тие се дел од владејачкото мнозинство секој пратеник има право на сопствено мислење.
„СДСМ отсекогаш бил и ќе биде демократска партија и секој пратеник има право на сопствено мислење. Ние не навлегуваме во стилот дека не треба да гласате или треба да гласате или со некакви услови. Нашата коалиција не се заснова на такви критериуми така што правото на секој пратеник е да си гласа согласно неговата совест и желба и неговата интенција за придонес кон одредено решение“, одговори Тунтев.