-Министерот за правда Никола Тупанчески во однос на најавените законски измени, вчера изјави дека нема можност за ретроактивност во ревидирање на веќе основаните фашистички здруженија. Но, истиот очигледно намерно заборава дека е министер за правда на Македонија и истиот треба да ги штити интересите на македонскиот народ, како и сите нејзини определби и вредности, а особено Анти-фашистичката определба на Македонија, реагираат од Левица.
Во нивната реакција дoдаваат дека: „Оваа изјава доаѓа додека во соседна Бугарија се усвојуваат Декларации со кои се ЗАБРАНУВААТ отворање на македонски клубови, иако истите ги носат имињата на истакнати анти-фашистички дејци!
Основањето на фашистички здруженија со величење на бугарски фашистички ликови стана опасен тренд, кој мора итно да се спречи. Во таа насока се најавените измени на Законот за здруженија и фондации.
Во законските измени е предложено и задолжително усогласување на веќе основаните организации на своето име и/или назив, цели и дејности пред Централниот регистар во рок од три месеци.
Разгорувањето на национална омраза од страна на овие здруженија е доказ за нивното противуставно и противзаконско основање и постоење. Во таа насока, Левица достави иницијативи за забрана за работа до Основното јавно обвинителство во Охрид и Битола за Здружението „Цар Борис III“ и Здружението„Ванчо Михајлов”.
Но, иако се работи за национален интерес, ОЈО Битола и Охрид сѐ уште немаат постапено, додека сведоци сме како Ламбе Алабаковски експресно беше првостепено осуден.
Непостапувањето на институциите, отсуството или млаката реакција од владините функционери и пролонгирањето на законските измени само потврдува дека пробугарската коалиција на СДС и ДУИ целосно е ставена во служба на рехабилитација на фашизмот, велат од Левица.