Турскиот министер за одбрана Хулус Акар изјави во саботата дека планираната посета на шведскиот колега по должност Пал Јонсон на Анкара е откажана откако шведските власти дозволија антитурски протест во Стокхолм.
„Во овој момент посетата на турскиот министер за одбрана Пал Јонсон на 27-ми јануари стана бесмислена. Поради тоа, посетата ја откажавме“, изјави Акар.
Шведскиот министер планираше следната седмица да допатува во Анкара на покана на турскиот колега, во периодот кога Стокхолм се обидува да ја придобие Турција да ја ратификува нејзината кандидатура за членство во НАТО.
Акар додаде дека разговарал за непреземањето мерки во врска со протестите во Шведска против Турција со претседателот Реџеп Тајип Ердоган, и му ја пренел реакцијата на шведскиот колега на маргините на состанокот на контактната група за одбрана на Украина во петокот во американската воздухопловна база Рамштајн во Германија.
„Неприфатливо е да не се преземат чекори и да не се реагира на тоа *протестите). Неопходните работи требаше да се направат, мораше да се преземат мерки“, се вели натаму во писмената изјава на Акар што ја објави турското министерство за одбрана.
Турција во петокот го повика на консултации шведскиот амбасадор поради тоа што властите на неговата земја одобрија протест предвиден за саботата пред турската амбасада во Стокхолм, на којшто според најавите, би требало да биде запалена муслиманската света книга Куранот.