Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во петокот изјави дека Германија ја загубила својата непристрасна улога во посредувањето меѓу Турција, Грција и Кипар.
„Сакаме Германија да го задржи својот урамнотежен став околу прашањето на источното Средоземје и Егејското Море“, рече шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу на заедничката прес-конференција со германската колешка по должност Аналена Бербок.
Додаде дека Берлин мора да ги сослуша двете страни без предрасуди.
„Трети земји, вклучително и Германија, не смеат да бидат алатка за провокации и пропаганда, особено на Грција и грчката кипарска страна“, дополни Чавушоглу.
Бербок претходно во петокот во Атина изјави дека важно е земјите членки на НАТО да ги решат своите спорови со дијалог, мислејќи на Турција и Грција и нивните децениски недоразбирања за суверенитетот над ресурсите во Средоземјето.
Грција и Кипар од една страна, и Турција од друга страна, се спорат околу правото на експлоатирање на наоѓалиштата на природен гас во источен Медитеран. И двете страни велат дека полагаат право врз основа на нивните епиконтинентални територии.
Островите во Егејското Mоре, како Хиос, Лезбос, Родос и многу многу други се грчка територија и никој нема право да го оспори ова, порача министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, на заедничката прес-конференција во Атина со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас.
„Од ваша страна, вашиот сосед Турција ви предизвикува голема загриженост, бидејќи работите денес се поинакви отколку пред 15 години. За мене, јасно е дека разликите меѓу партнерите во НАТО мора да се решаваат со дискусија“, порача германската министерка што всушност беше и директниот повод за реакцијата на Чавушоглу.
„Судир во рамките на Алијансата, тоа е токму тоа што рускиот претседател го сака“, рече Бербок пред тргнувањето од Атина за Анкара иако станува збор за турско-грчки спор кој трае повеќе децении кој во Брисел не наоѓаат сили и начини да го решат.
Грција и грчките власти на поделениот остров Кипар во четвртокот ја обвинија Турција дека ги разгорува тензии, бидејќи се подготвува повторно во септември да испрати брод кој ќе бара наоѓалишта на гас во Средоземјето.
Грција и Турција беа на работ на судир во 2020 година, кога Анкара во водите близу Кипар а потоа и во водите крај грчкиот остров Кастелоризо го испрати истражувачки брод за сеизмички подводни истражувања „Oruc Reis“.
Тогаш Грција покрена големи воени маневри заедно со Франција и дојде до неколку инциденти меѓу воените авијации и морнарици на Турција и Грција, а ЕУ се закани со санкции против Анкара. Тогаш, според медиумите, воениот судир бил избегнат во последен момент, благодарејќи на посредувањето на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел.
Разговорите меѓу Анкара и Атина беа продолжени минатата 2021 година, по петгодишна пауза во обидите да се решат несогласувањата во Средоземјето, но немаше напредок. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во јуни годинава изјави дека Турција ги прекинува разговорите со Грција, делумно поради спорот со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и за перманентни грчки нарушувања на турскиот воздушен простор.