Турција бара лидерите на Г20 да ги исполнат барањата на Русија во врска со извозот на жито

Анкара побара од светските лидери да го олеснат осигурувањето на руските житарки и ѓубрива од страна на лондонската компанија Лојд и да ѝ дозволат на Москва да го врати пристапот до меѓународниот платен систем СВИФТ, пишува Блумберг, цитирајќи турски официјални претставници запознаени со разговорите.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика неколку лидери на Групата 20 да исполнат некои од барањата на Русија за заживување на договорот, со кој се дозволени испораки на жито од Украина и се намалуваат светските цени на храната.

Ердоган, кој помогна во посредувањето на првичната иницијатива за жито во Црното Море во 2022 година, применува притисок на состаноците зад затворени врати со лидерите за време на самитот на Г20 во Њу Делхи викендов, изјавија за Блумберг извори запознаени со разговорите.

Турција ѝм порача на своите партнери дека може да го заживее црноморскиот договор за жито со олеснување на некои од санкциите за кои Москва тврди дека ја спречуваат да увезува земјоделска опрема, како што се трактори или резервни делови, изјавија турски официјални лица кои сакаа да останат анонимни.

Вашингтон и неговите сојузници ги отфрлаат тврдењата на Русија дека санкциите го ограничуваат извозот на земјоделските производи од Москва и досега се спротивставуваа на повиците за олеснување на санкциите, според Блумберг.

Русија досега не го прифати компромисот предложен од ОН, кој би значел основање филијала на санкционираната државна земјоделска банка Роселхозбанк и овозможување пристап до СВИФТ, изјавија неколку европски дипломати.

Тие рекоа дека Турција на состаноците во Њу Делхи често го споменува статусот на преговорите за жито.

Анкара се обидува да најде консензус додека се обидува да го оживее договорот за жито од кој Русија се повлече во јули кога одби да ја гарантира безбедноста на украинските бродови за жито во Црното Море, додаде индиски официјален претставник.

Неизвесноста во врска со иднината на испораките на еден од најголемите светски извозници на жито придонесе за повеќенеделна нестабилност на цените на пченицата на светскиот пазар, како и за зголемување на непријателствата во и околу Црното Море.

Украина преговараше со Романија и Бугарија за алтернативна поморска рута што ќе минува од Украина преку романските територијални води, велат европските дипломати, но таа рута само делумно ќе покрие дел од потребите на Киев.