Турција кажа дека очекува приемот на Шведска во НАТО да биде ратификуван за неколку седмици, изјави шведскиот министер за надворешни работи за новинарите во средата.
И Шведска и Финска по децениската само декларативна воена неутралност додека тесно соработуваат со земјите на НАТО во воено-индустрискиот комплекс и континуираните воени маневри, минатата 2022 година побараа прием во Алијансата, во контекстот на инвазијата на нивниот сосед Русија во Украина.
Турција уште тогаш ги изнесе забелешките на барањето на двете нордиски земји, обвинувајќи ги дека ги штитат оние лица по кои трага Анкара обвинувајќи ги за тероризам, како и поради ембаргото на овие земји за извоз на оружје за турската војска и постојаните критики на власта на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Турскиот парламент ја ратификуваше кандидатурата на Финска во април, како и Унгарија, но и двете земји ја оставија Шведска на чекање.
„Имав билатерална средба со мојот колега, министерот за надворешни работи… тој ми кажа дека очекува ратификацијата да се случи за неколку седмици“, изјави Тобијас Билстром за новинарите пред вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.
Турција веднаш не ја потврди, ниту ја коментираше изјавата.
Турција побара од Шведска да преземе повеќе чекори против припадниците на Курдистанската работничка партија (PKK), која Европската унија и САД ја сметаат за терористичка група, а на кои Стокхолм им овозможува политички азил, како на припадниците на дввижењето на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој живее во егзил во САД, а кое Анкара го препознава како FETO и го смета, исто така, за терористичка организација.
Стокхолм претстави нацрт-закон против тероризмот со кој се казнува членството во терористичка организација и ги укина ограничувањата за извоз на оружје во Турција. Тврдат дека го исполниле својот дел од договорот потпишан минатата година. Меѓутоа, Турција е гневна поради тоа што шведските судови повикувајќи се на слободата на говорот и изразувањето дозволува одржување протести против Ердоган и јавни сквернавење на светата муслиманска книга Куранот.
Дел од западниот одбранбен блок се надеваше дека процесот на ратификација за членството на Шведска во НАТО ќе биде завршен досега, за да може церемонијата за пристапување да се одржи на маргините на состанокот во Брисел.
„Турскиот министер за надворешни работи (Хакан Фидан) не даде датум, но рече „во рок од неколку недели“. Тој очекува ратификацијата да биде направена во рок од неколку недели. Тоа ми го кажа вчера“, рече Билстром во средата.