Турција депортираше во Македонија три жени и дете кои престојувале на боиштата во Сирија и Ирак

Преку Меѓународниот аеродром Скопје во вторникот е извршена депортација на три лица од женски пол, од кои две со регулиран статус на државјанки на Република Македонија и едно малолетно лице од две години, за кое треба да се спроведе постапка за стекнување државјанство.

Лицата се депортирани со редовен авионски лет од Турција, поточно од бегалскиот камп Газиантеп, откако претходно одреден период престојувале во воените зони во Сирија и Ирак.

На аеродромот во Скопје, како што соопшти владината прес-служба, трите лица биле прифатени од стручни екипи на Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи при што сите екипи постапиле во рамките на своите надлежности.

„Согласно протоколите за здравствена и социјална заштита, на аеродромот беа направени првите контролни здравствени прегледи и извршени анкети и разговори, при што им се дадени и совети за нивното натамошно згрижување, здравствена и социјална заштита. Откако беа направени службени формалности за потврдување на идентитетот и првичните здравствени прегледи, беа информирани дека согласно член 31 од Законот за заштита на населението од заразни болести, како и поради нивно здравствено згрижување и потреба од остварување на правата од социјалната заштита, им е врачено решение за ставање под здравствен надзор и обезбедување на здравствена заштита“, се наведува во соопштението.

Лицата се сместени во објект под надзор на Министерството за труд и социјална политика, Центарот за социјални работи Скопје, поради фактот дека доаѓаат од подрачја со зголемен епидемиолошки ризик, вклучително и заради тековните мерки за превенција од корона вирусот.

-Откако ќе помине периодот на здравствен надзор, и ќе бидат завршени сите медицински прегледи и тестови, особено од аспект на здравствена заштита на двегодишно дете, по претходна одлука на соодветен стручен тим од Министерството за здравство, на трите женски лица ќе им биде овозможено да бидат прифатени од нивните најблиски, како и да бидат интегрирани во системот за социјална заштита по стручна процена на надлежните служби на Министерството за труд и социјална политика, се наведува во соопштението