
Турција денеска доби дополнителни 6,5 милиони дози вакцини против „ковид-19“ развиена од кинескиот „ Sinovac Biotech “, објавија неколку медиуми, со што продолжува националната програма за вакцинација.
Новата пратка е како додаток на оригиналниот фонд од три милиони дози што Турција ги доби пред околу еден месец.
Досега се вакцинирани 1.257.000 лица, главно здравствени работници и стари лица, според Министерството за здравство.
Најновата пратка е дел од втората пратка што ќе изнесува вкупно 10 милиони дози.
Околу 600.000 луѓе биле вакцинирани за само два дена, кога во средината на јануари започнала програмата за вакцинација.
Турција забележала повеќе од 2,4 милиони инфекции и 25.073 смртни случаи како резултат на ковид-19.
Поради зголемувањето на бројот на заразени во последните месеци, владата од декември воведе затворање за време на викендите.
Дневниот број на заразени во последните денови опаднал под 6.000, по високата бројка од 33.000 на почетокот на декември.
Мерките за борба против ширењето на коронавирусот во пролетта минатата година предизвикале нагло забавување на турската економија во вториот квартал, а владата презеде голем број мерки за олеснувања и заживување на активностите, јавува агенцијата Ројтерс.