Турција е при крај со офанзивите во Ирак и Сирија, навести Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во саботата изјави дека Анкара е блиску до остварување на своите цели во тековните воени операции против курдските борци во Ирак и северна Сирија.

Ердоган ја даде изјавата ден откако турското Министерство за одбрана соопшти дека еден војник е убиен, а друг повреден во северен Ирак по активирање на импровизирана експлозивна направа за тоа обвини „сепаратистичка група“ за инцидентот.

Турција често го користи овој термин за да ја означи забранетата Курдистанска работничка партија (PKK) којашто од 1980-те години води војна против тирската држава. Турција, САД и ЕУ ја класифицираат PKK како терористичка организација, но која со децении има свои засолништа во ирачката автономна покраина Ирачки Курдистан, каде што САД исто така имаат свои бази.

„Наскоро ќе ја изолираме оперативната област Клав-Лок во северен Ирак“, изјави Ердоган пред дипломираните студенти на воената академија во Истанбул.

Ердоган алудираше на офанзивата што ја започна Турција во април 2022 година за одбрана од нападите на PKK од северен Ирак. Турција претходно постигна договор со владата во Багдад да соработува во борбата против борците на PKK во Ирак, каде што се базира групацијата.

„PKK сега е целосно заробена и во Ирак и во Сирија. Ќе го комплетираме безбедносниот појас долж нашата јужна граница со Сирија“, додаде Ердоган. Анкара „одлучи да не дозволи структури кои ќе претставуваат закана за нашата земја долж границите на Ирак и Сирија“, додаде.

Од 2016 година, Турција спроведува копнени офанзиви и во северна Сирија за да ја истисне курдската милиција Единци за заштита на народот (YPG), обучувана и вооружена од САД за наводна борба против ултрарадикалната џихадистичка групација Исламската држава, но Анкара ја смета само за сириско крило на PKK.

Турската војска контролира делови од Сирија во споменатата област, и повремено врши наизменични патролирања со руските сили во оваа блискоисточна земја кои ја помагаат војската на сирискиот претседател Башар ал-Асад во елиминирањето на остатоците од сунитските бунтовнички и џихадистички групи.ни

Ердоган неодамна ги спомна плановите за зближување со сирискиот претседател Башар ал-Асад. Турскиот претседател е под зголемен притисок поради повеќе од три милиона сириски бегалци во Турција.