Актуелниот турски претседател Реџеп Тајип Ердоган го одржува почетното водство и по 75 отсто од преброените гласови, пренесува агенцијата Anadolu.
Според последните информации, Ердоган во моментов има водство од 50,9 отсто од гласовите, пред најголемиот ривал на обединетата опозиција Кемал Киличдароглу, кој во моментов има освоено 43,5 отсто од гласовите.
Ердоган по преброените 40 отсто од гласовите имаше голема предност од близу 59 отсто од гласовите, но се проценува дека гласовите секогаш побрзо пристигнуваат од упориштата на Ердоган, отколку од регионите во кои предност има кандидатот на опозицијата.
Кемал Киличдароглу објави на Twitter дека e во водство, додека од штабот на Ердоган тврдат дека тој сѐ уште е во водство. Во овој момент во Републиканската народна партија, на чие чело е Киличдароглу, пресметале дека нивниот кандидат води со 47,42 отсто од гласовите, додека Ердоган, според нивните податоци, добива 46,8 отсто.
Најверојатно е дека ниеден од кандидатите, како што се надеваше опозицијата, нема да освои повеќе од 50 отсто од гласовите и ќе има втор круг на претседателските избори кој е предвиден за 28-ми мај.