Државјаните на Таџикистан повеќе не можат да влезат во Турција без визи, според претседателскиот указ објавен во службениот весник Resmi Gazete.
„Донесена е одлуката да се укине безвизниот режим за државјаните на Таџикистан кои влегуваат во Турција со вообичаен граѓански пасош“, се истакнува во декретот потпишан од турскиот претседателот Реџеп Тајип Ердоган.
Причините за ваквата одлука на властите во Анкара не се објаснети во објавата.
Се претпоставува дека можна причина е што двајца од обвинетите за терористичкиот напад во концертната сала „Крокус Сити Хол“ крај Москва со најмалку 144 жртви, во периодот јануари-март пред нападот престојувале во Истанбул. Утврдено е дека во тој период живееле во хостели во турската метропола, но според турските медиуми засега не е познато што правеле во периодот до патувањето во Москва.
Турскиот дневен весник Hürriyet објави дека безбедносните сили во Истанбул влегле во трага на двајца осомничени припадници на џихадистичката терористичка организација Исламска држава, а уапсените планирале терористички напад во Турција, нивниот план веќе бил „во напредна фаза“. Во написот на весникот се наведува и дека осомничените се 37-годишен државјанин на Таџикистан и 41-годишен државјанин на Киргистан, кои потоа биле депортирани од Турција.