Турција и Грција повторно во спор за истражувањата во морето

Турција во понеделникот порача дека Грција нема право да се противи на турските истражувања за природен гас во областа која е само 15 километри оддалечена од турското копно и оти таа се наоѓа во епиконтиненталниот појас.

Турското министерство за надворешни работи соопшти дека турскиот брод за сеизмички подводни истражуваа „Oruc Reis“ ги спроведува своите задачи во областа која се наоѓа на 15 километри од Турција и 425 километри од Грција, истакнувајќи дека се наоѓа „целосно во турскиот епиконтинентален појас“.

„Неприфатливо е што постои отпор кон нашата земја, којашто го има најголемиот брег на источното Средоземје, и којашто спроведува истражувања на 15 километри од своето копно“, порача Анкара, додавајќи дека критиките од Атина се „неосновани обвинувањата кои не се темелени во меѓународното право“.

Турските поморски сили објавија доцна вечерта во неделата дека истражувачкиот брод „Oruc Reis“ следните десет дена ќе продолжи да ги спроведува сеизмичките истражувања во источните делови на Средоземното Море. Според турското соопштение, уште два брода „Ataman“ и „Cengiz Han“, заедно со „Oruc Reis“ ќе ги продолжат своите задачи во областа којашто ги вклучува водите јужно од грчкиот остров Кастелоризо до 22-ри октомври.

Грција жестоко ја критикуваше ова турска одлука оценувајќи дека станува збор за „голема ескалација“ која ги загрозува мирот и безбедноста во регионот и порача дека ќе врши притисок врз Европската унија да воведе санкции против Турција.

„Новото турско известување преку системот NAVТEX за истражување јужно од Кастелоризо на грчкиот епиконтинентален појас, на оддалеченоста од само 6,5 наутички милји од грчкиот брег, претставува голема ексалација“, оцени грчкото министерство за надворешни работи.

Кризата во источниот Медитеран ескалираше откако Турција на 10-ти август го испрати истражувачкиот брод „Oruc Reis“ во придружба на воени бродови во близина на Кастелоризо, кој се наоѓа на само два километри од турскиот брег. Анкара кон средината на септември го повлече „Oruc Reis“ од спорните води, за да создаде простор на дипломатијата пред самитот на ЕУ.

Европската унија по самитот порача дека ќе примени санкции против Турција ако земјата продолжи со истражувања на наоѓалишта на гас во водите на која право полагаат Грција и Кипар, предупредувајќи дека санкциите би можело да бидат воведени веќе во декември, што според оцената на Анкара дополнително ги заострило нивните односи.

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, исто така, истакна дека Турција ќе изведува истражувања во рамките на својот епиконтинентален појас и порача дека очекува од Грција да се воздржи од чекори кои водат кон ескалација на тензиите.

„Тие (Грција) прават сѐ за да ескалираат тензиите. Морнарицата ќе ја обезбеди неопходната придружба и заштита за нашите бордови во согласност со потребите“, порача Акар.

„Ќе продолжиме да истражуваме, ќе дупчиме и ќе ги штитиме нашите права“, порача на Twitter турскиот министер за енергетика, Фатих Донмез.

Портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас тврди дека Турција го сторила токму спротивното од она што требала да го стори и порача дека ЕУ не треба да чека два месеца да преземе нешто.

„Сега само треба да се активираат подрастични решенија, за Турција овојпат да почувствува повеќе ќотек а помалку морков“, рече Пецос.

Франција во понеделникот повторно изрази загриженост поради одлуката на Турција.

„Загрижени сме поради објавата за повторното турско испраќање на бродот за сеизмички истражувања ‘Oruc Reis’ во водите крај грчките острови Кастелоризо и Родос“, соопшти француското министерство за надворешни работи.

„Европскиот совет на 1-ви октомври јасно ја повика Турција да се воздржи од еднострани потези кои се спротивни на интересите на Европската унија и кои го кршат меѓународното право и суверените права на земјите членки на Унијата. Очекуваме од Турција да ги почитува своите обврски, да се воздржи од нови провокации и конкретно да ја искаже својата волја за дијалог во добра волја“, порача официјален Париз.