![hercog erdogan](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/hercog-erdogan.jpg?resize=640%2C445&ssl=1)
Турција и Израел решија да ги обноват целосните дипломатски врски и ќе именуваат амбасадори по постојаното подобрување на односите, објави во средата канцеларијата на израелскиот премиер Јаир Лапид.
„Унапредувањето на односите ќе придонесе за продлабочувањето на врските меѓу двата народа, проширувањето на економските, трговските и културни врски и јакнење на регионалната стабилност“, се наведува во соопштението по разговорот меѓу израелскиот премиер Јаир Лапид и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Овие земји си ги протераа амбасадорите во 2018 година, откако израелските сили во текот на протестите на границата со Појасот Газа поради преместувањето на амбасадата на САД во Ерусалим убија 60 Палестинци.
Посетата на Турција од страна на израелскиот претседател Исак Хрцог во март годинава, по кој следеа официјалните посети на двата министра за надворешни работи, помогна за подобрувањето на односите по повеќе од деценија тензии.
„Решено е нивото на односите меѓу двете држави повторно да се подигне на ниво на целосни дипломатски врски, како и да се вратат амбасадорите и генералните конзули на двете држави“, се додава во соопштението.
Договорот доаѓа во периодот кога Израел се обидува да ги подобри односите со регионалните сили, а беше договорен две години по ткна Абрахамов договор со кој Израел ги нормализираше односите со арапските муслимански земји Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Мароко.
Турција ќе продолжи да ги брани Палестинците и покрај целосното обновување на дипломатските односи со Израел.
„Ќе продолжиме да ги браниме правата Палестинците, Ерусалим и Газа. Важно е дека нашите пораки (за палестинското прашање) се пренесуваат директно преку амбасадорите“, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на прес-конференција во Анкара по израелската најава за обновување на дипломатските односи и потврди скорешно именување на турски амбасадор во Тел Авив.
Острата дипломатска криза меѓу двете земји настапи во мај 2010 година, кога во десант на израелските командоси на бродот „Мави Мармара“ кој пловеше во составот на меѓународната Флотила на слободата чија цел беше да се пробие изралеската поморска блокада на Појасот Газа, загинаа десет турски државјани, главно со американско државјанство.
Израел тврдеше дека имал сознанија дека на бродот се наоѓаат и вооружени активисти, но иако зад него стоеше хуманитарна организација блиска на одметнатиот проповедник Фетула Ѓулен, подоцна најголем противник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Анкара остро реагираше прекинувајќи ги сите односи со Израел.
Турција беше дотогаш единствената муслиманска земја којашто воено, економски и финансиски тесно соработуваше со Државата Израел, и нивните односи беа оценувани како извонредно добри. Но по споменатиот инцидент од 31-ви мај 2010 година, дипломатските односи беа замрзнати а сите други видови заедничка соработка прекинати. Израел по процесите пред меѓународни судови и организации се согласи во 2016 година во рамки на помирување да исплати отштета на семејствата на загинатите и повредените во вкупен износ од 20 милиони долари.
Турскиот парламент во август 2016 година го ратификуваше договорот за нормализација на односите со Израел. Меѓутоа, тензиите и натаму не губат на жестината, како и ниту острата реторика меѓу израеслкиот премиер Бенјамин Нетанјаху и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, особено во врска со палестинското прашање.