Турција: Издадени 113 налози за апсење за уривање згради во земјотрес

Официјални лица во Турција во неделата соопштија дека се издадени 113 налози за апсење во врска со изградбата на зградите што се урнаа во земјотресот во понеделникот а можеби не требало доколку биле почитувани безбедносните стандарди.

Турската полиција веќе приведе најмалку 12 лица, вклучително и градежни изведувачи, бидејќи се уривале згради кои требало да го издржат земјотресот.

Потпретседателот Фуат Октај ноќта кон неделата изјави дека 131 лице досега е идентификувано како одговорно за несовесната градба и целосно уривање на некои од илјадниците згради кои поради лошата изведба којашто оневозможила еластични движења, буквално беа срамнети со земја за време на земјотресот во десет турски провинции.

„Внимателно ќе следиме додека не завршат судските процеси, особено за зградите кои беа најтешко оштетени и оние под кои има најголем број мртви и ранети“, рече Октај, пренесе Reuters.

Со години, опозицијата критикуваше дека многу нови згради во Турција се небезбедни поради системската корупција и владините политики. Овие политики дозволиле ткн амнестија за изведувачите кои ги прекршиле градежните правила, за да се поттикне градежен бум, вклучително и во регионите подложни на земјотреси.

Илјадници згради се урнаа за време на земјотресот со јачина од 7,8 степени по Рихтер, што ги наметна прашањата дали последиците од природната катастрофа се влошени од човечки пропусти.

Имајќи предвид дека изборите се на повидок, иднината на претседателот Реџеп Таип Ердоган е доведена во прашање по 20 години на власт, пишува Reuters.

Ердоган ги призна пропустите во одговорот на земјотресот, но беше склон да каже дека сè е резултат на судбината. „Такви работи секогаш се случувале“, рече тој и додаде „Тоа е дел од планот на судбината“.

Бројот на потврдени мртви во Турција и Сирија се искачи на повеќе од 28.000.

Во меѓувреме, немирите во јужна Турција ги прекинаа спасувачките напори на некои места. Шестиот ден по земјотресот ситуацијата станува уште поочајна. Во саботата, германските и австриските спасувачи ги прекинаа операциите поради судирите меѓу групите во провинцијата Хатај. Безбедносната ситуација се очекува дополнително да се влошува.

„Постои зголемена агресија меѓу фракциите во Турција“, рече австрискиот потполковник Пјер Кугелвајс.

Потрагата по преживеани продолжи под заштита на турската војска.

Низ јужна Турција и северна Сирија, милиони се бездомници, а температурите продолжуваат да паѓаат под нулата секоја вечер.
ОН предупредија дека повеќе од 800.000 луѓе се без соодветни оброци, а нивната хуманитарна агенција на терен предупредува дека конечниот број на жртви од земјотресот најверојатно ќе се удвои.

Во Сирија, бројот на загинати сега изнесува повеќе од 3.500, но нема нови податоци од петокот. Надежите за пронаоѓање на уште многу преживеани исчезнуваат, и покрај некои неверојатни спасувања.