Турција ликвидирала џихадистички водач во Сирија, објави Ердоган

Турското разузнавање го ликвидирало во саботата во соседна Сирија водачот на локалната група на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, Абу Хусеин ал-Курајши.

Оваа информација во неделата ја соопшти турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во програмата на јавната телевизија TRT Turk.

„Турското национално разузнавање долго време го следеше лидерот на Исламската држава Абу Хусеин ал Курејши. Ова лице беше елиминирано вчера во Сирија како резултат на операција спроведена од турското разузнавање. Ќе продолжиме да се бориме против терористичките организации, без да правиме разлика меѓу нив“, рече Ердоган.

Сириски локални и безбедносни извори соопштија дека рацијата била изведена во северниот сириски град Јандарис, кој е под контрола на бунтовничките групи поддржани од Турција и еден од најтешко погодените во земјотресот на 6-ти февруари што ги погоди и Турција и Сирија. Сириската национална армија (SNA), опозициската фракција во областа, немаше моментален коментар.

Еден од жителите изјави дека судирите започнале на работ на Јандарис ноќта од саботата кон неделата и траеле околу еден час пред жителите да слушнат голема експлозија. Областа подоцна беше опколена од безбедносните сили за да спречат некој да се приближи до тоа подрачје.

Исламската држава, која се отцепи како ирачка фракција на Ал Каеда, го именуваше ал-Курејши за свој водач во ноември 2022 година, откако претходниот командант беше убиен во операција во јужна Сирија.

Исламската држава презеде контрола врз големи делови од Ирак и Сирија летото 2014 година, а нејзиниот лидер во тоа време, Абу Бакр ал-Багдади кој интригантно од американски затвор беше ослободен една година претходно и спротивно од прописите вратен во земјата на потеклото Ирак, прогласи исламски калифат на територијата на која живееја милиони луѓе. Џихадистите ја загубија контролата врз територијата по кампањите на курските и сириските сунитски буннтовнички групи поддржани од САД, а во прв ред сириските владини сили поддржани од Русија како и од Иран кој дејствуваше заедно со либанското шиитско движење Хезболах, а во Ирак ги вклучи паравоените шиитски групации.

Преостанатие борци на Исламската држава главно се кријат во оддалечените предели на двете земји во последниве години, откако во ноември 2107 година Ирак и САД објавија дека е уништена, иако сè уште се способни да извршат ненадејни напади од големи размери. Сириската влада на претседателот Башар ал-Асад ги обвинува САД дека во осумте бази кои ги има американската војска во северозападниот дел од земјата ги обучува борците на Исламската држава кои ги ангажира за дестабилизиација на други земји.

Во продолжението, Ердоган порача дека Турија смета на продолжување на договорот за извозот на житарките од украинските црноморски пристаништа, со што ќе се обезбеди храна за сиромашните земји во Африка.

„Поволната атмосфера со лидерите на Украина и Русија, којашто владееше и во текот на размената на затворениците, добро функционираше во коридорот за житарките и ние продолжуваме да го правиме тоа. Со нетрпение очекуваме да продолжи овој механизам, обезбедувајќи храна за сиромашните африкански земји“, рече Ердоган во интервју за локалните ТВ канали.