Турција оди во вториот круг од претседателските избори на коишто опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу го очекува тешка задача да ја стаса предноста на актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој покрај тоа има и веќе обезбедено мнозинство во парламентот.
По преброените 99,38 отсто од изборниот материјал, Ердоган има 49,42 отсто од гласовите, додека Киличдароглу освои 44,95 отсто, според податоците коишто ги објави медиумската мрежа TRT.
На третото место е националистичкиот кандидат Синан Оган со 5,2 отсто од гласовите, а зад него е Мухарем Инче кој на три дена пред гласањето се повлече од трката, но се чини предоцна за да му овозможи победа на Киличдароглу во првиот круг, а освои само 0,43 отсто од гласовите.
Бидејќи ниеден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто плус еден глас, вториот круг, што е првпат во историјата на Турската Република, ќе се одржи ја 28-ми мај. Аналитичарите сметаат дека на Киличдароглу на нив тешко дека ќе успее да го надомести заостанувањето зад моќниот и влијателен турски претседател, имајќи предвид дека по големата мотивираност на неговите приврзаници од шесте опозициски партии и странската поддршка, речиси го исцрпил резервоарот од можни гласови.
На челникот на опозициската Републиканската народна партија (CHP) не му оди во прилог и тоа што загуби од блокот на Ердоган на изборите за парламентот. Имено, Републиканската коалиција, предводена од Партијата на правдата и развојот (AKP) на Еродган освои 49,4 отсто од гласовите наспроти 35,1 отсто од Народната коалиција предводена од CHP на Киличдарогли. Така проердогановата коалиција ќе има 321 од 600 мандати во парламентот наспроти опозициската 213 мандати, што е раст во однос на изборите кога поединечно опозициските партии добија вкупно 174 пратеници.
Така и евентуалната влада на Киличдароглу тешко би ја добивала потребната поддршка во парламентот за своите проекти во периодот кога Турција е погодена со внатрешна економска криза и инфлација, како што е изложена и на геополитичките кризи и притисоци. Затоа на 85-милионската земја на двата континента со модернизирана индустрија и инфраструктура, една од водечките армии во НАТО, ѝ е потребна стабилност. А гласачите може да ја препознаат токму во соработката меѓу шефот на државата и парламентот.
За изборот на новиот претседател на Турција, како што се проценува, ќе бидат клучни гласачите на Оган, односно неговите 5 отсто гласови. Тој е поранешен припадник на националистичката партија MHP, но сега е во сојуз со партијата на Ердоган. Оган, имено, ја напушти MHP токму поради несогласувањата со партиската поддршка за турскиот претседател на изборите во 2015 година, но сега се смета дека неговите националистички пораки и повици на геополитичка независност на Турција се поблиски до ставовите на Ердоган, отколку на прозападната политика на Киличдароглу, Курдите и припадниците на религиското исламски малцинство Алевити (шиити).
Медиумите кои ги поддржуваат политиките на Ердоган ги славеа резултатите од изборите. Дневниот весник Yeni Safak, кој во кампањата често пишуваше за влијанието на американскиот амбасадор во Анкара, Џефри Флејк, дека ја координира опозицијата да се обедини за соборување на Ердоган, прогласи дека „победи народот“. Истовремено самиот Ердоган од балконот на седиштето на партијата во Истанбул порача дека „победник е несомнено нашата држава“.
Актуелниот турски претседател успеа да ги мобилизира своите гласачи и покрај огромната инфлација која ја тресе Турција, како и острите критики за власта дека не реагирала навремено и соодветно по двата големи земјотреси кои однесоа 50.000 човечки животи. Неговото влегување во третата деценија на чело на Турција, бездруго, ќе ги вознемири критичарите, во прв ред меѓу западните сојузници, кои сметаат дека ѝ наштетува на демократијата во земјата. Тие очекуваат, дека доколку Киличдароглу, сепак, успее да победи во вториот круг, на слобода ќе бидат пуштени илјадници луѓе кои тие ги сметаат за политички затвореници и продемократски активисти. А особено полагаат надежи во пресвртница во геополитичкиот курс на земјата, во прв ред оддалечување од Русија и од соработката со Иран на Блискиот исток.