Состанок на претставниците на Турција, Финска и Шведска во врска со процесот на пристапување на двете нордиски земји на НАТО ќе биде одржан во август, најави во четвртокот турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Според шефот на турската дипломација, „постојаната комисија“ која ја сочинуваат претставници на Турција, Финска и Шведска на првиот состанок ќе проценат колку Хелсинки и Стокхолм ги спроведуваат ветувањата од меморандумот кој трите земји го потпишаа кон крајот на јуни, непосредно пред почетокот на мадридскиот самит на НАТО.
„Доколку овие земји не ги спроведат точките во меморандумот (…), нашиот парламент нема да го ратификува пристапниот протокол“ во НАТО, предупреди Чавушоглу повторувајќи ја заканата која во понеделникот ја упати турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Потпишувањето на меморандумот овозможи да биде тргнато ветото на Анкара за влегувањето на двете земји во Алијансата.
Во Финска и Шведска на почетокот од април, во заднината на руската офанзива во Украина, се интензивираа повиците и иницијативите по децениската воена неутралност и добри односи со Русија но истовремено и долги години тесна воена соработка и одржување заеднички воени вежби и официјално да побараат членство во НАТО, што беше поддржано во прв ред од САД. Двете нордиски земји кон крајот на јуни на самитот на Алијансата во Мадрид официјално ги поднесоа барањата за членство, откако Турција се согласи да ја суспендира својата блокада.
Официјална Анкара подолго време ги обвинува Хелсинки и Стокхолм дека го згрижуваат и прифаќаат припадниците на Работничката партија на Курдистан (PKK) која од 1984 година води вооружен бунт против Турција каде што е забранета, а се наоѓа и на листите терористички организации на ЕУ и на САД. Турција, исто така, им забележува на нордиските земји за пружање засолниште на припадниците на FETO, следбеници на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој е во егзил во САД а ги обвинува за неуспешниот воен удар во јули 2016 година, и за ембарго на извозот оружје во Турција по нејзината воена интервенција против курдските сили во Сирија.
Во текстот од меморандумот се потврдува дека Стокхолм и Хелсинки ја сметаат PKK за терористичка организација и двете земји се обврзуваат дека нема да ги поддржуваат групациите кои се неприфатливи за Анкара, вклучително и вооружената формација Единици за заштита на народот (YPG) на сириските Курди. Шведска и Финска, исто така, се обврзуваат дека „брзо и темелно“ ќе ги проучат турските барања за екстрадиција.
Ердоган во понеделникот потсети дека тој договор подразбира и дека Шведска ќе екстрадира 70 „терористи“ во Турција. Меѓутоа, владата во Стокхолм негира дека тоа било содржано во договорот, иако двете земји се обврзале на „поедноставување“ на процесот на екстрадиција.
Шведска тврди дека не се согласила да предаде некој свој државјанин баран во Турција. Тие кои немаат шведско државјанство би можело да бидат депортирани од земјата, но само во држави чиј правен систем е во согласност со шведскиот и со Европската повелба за човекови права.