Турција уапси 48 осомничени поврзани со ИСИС и напад во црква

Турција уапси 48 осомничени поврзани со Исламската држава, која ја презеде одговорноста за нападот на католичката црква Санта Марија на 28 јануари во Истанбул, изјави денеска турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја.

Јерликаја на платформата „Х“ напиша дека се уапсени 48 осомничени, главно поврзани со сторителите на нападот во црквата Санта Марија на 28 јануари, во кој загина едно лице, како и оние кои биле во контакт со конфликтните зони.

Јерликаја изјави дека акцијата за апсење ја извршиле полициските одделенија на Истанбул и Анкара во координација со Генералниот директорат за разузнавање и Одделот за антитероризам.

За време на операциите, 30 осомничени за кои се верува дека се вмешани во нападот на црквата Санта Марија беа уапсени од антитерористичкиот тим на полицијата во Истанбул, додека 18 други поврзани со ИСИС беа уапсени од полицискиот оддел во Анкара, јавуваат турските медиуми.

Терористичката група ИСИС ја презеде одговорноста за вооружениот напад на црквата Санта Марија во истанбулскиот кварт Сариер на 28 јануари.

Во тој напад загина 52-годишен маж.