Во Турција во последното деноноќие се потврдени нови 30.100 случаи на зараза со коронавурусот од кои 6.101 лица биле хоспитализирани, а 190 луѓе починале од компликациите што ги предизвикува вирусот, што е највисоката бројка смртни случаи од Covid-19 од почетокот на епидемијата во земјата, објави во вторникот вечерта министерството за здравство.
Претходно во текот на денот, турскиот министер за здравство Фахретин Коџа изјави дека епидемијата на коронавирусот силно погодила неколку региони во земјата, вклучително и мегалополистот Истанбул, достигнувајќи го својот трет пик од почетокот на пандемијата.
Во текот на изминатата седмица Турција постојано бележеше рекордни стапки на нови коронаинфекции и смртни исходи на дневно ниво. На почетокот од оваа седмица во понеделникот, пак, беа потврдени 31.219 случаи на заразата и 188 смртни исходи (што беше осми ден по ред рекорден дневен број на смртни случаи од коронавирусот), а и двата показатели беа рекордни од почетокот на епидемијата во земјата.
Со новите показатели, Турција од почетокот на епидемијата има 13.936 смртни исходи поврзани со Covid-19, а како што објави министерот Коџа на Twitter, досега вкупно се регистрирани близу 700.000 случаи на зараза со новиот коронавирус.
Во последното деноноќие оздравеле 4.593 пациенити, со што вкупниот број оздравени е 409.320 лица.
Коџа, исто така, додава дека стапката на појава на пневмонија кај пациентите со Covid-19 изнесува 3,3 отсто, а оти во моментов бројот на лица на кои им е потребна интензивна нега е 5.303 пациенти.
Во последниот пресек во Турција биле изведени 180.312 анализи на примерици на коронавирусот, со што вкупниот број спроведени тестови изнесува 18.772.604 во земјата со 82-милионско население.
Поради влошената епидемиолошка состојба во земјата, турска влада од вторник воведе полициски час кој ќе биде на сила од 21 до 5 часот во работните денови, и целосно „затворање“ во текот на викендите, односно од 21 часот во петок до 5 часот во понеделник. Од новите построги антиепидемиски мерки ослободени ќе бидат само некои стопански сектори како што се снабдување и производство.