Турција го повика НАТО да дејствува против ИД на нејзината граница

Турција повика на решителни дејствија на земјите од НАТО против значајната закана од групата Исламска држава на нејзината граница, пренесува MИА, повикувајќи се на БТА.

Според турскиот министер за надворешни работи Мевлуд Чавушоглу ова прашање ќе биде главна тема на средбата на министрите за надворешни работи на НАТО што денеска и утре се одржува во Анталија.

– Турција е единствената земја членка на Алијансата, која има граници со Даеш, во Сирија и Ирак, подвлече тој,  користејќи го арапскиот термин за ИД.

„Не е дозволива ситуацијата Даеш да биде на нашите граници. Тоа е значајна закана за нас“, додаде Чавушоглу.

Тој ја поздрави намерата на САД да ја обучат и екипираат сириската опозиција, истовремено забележувајќи дека тоа нема да биде доволно.

-Треба да се преземат други мерки, изјави тој и додаде дека и  воздушните напади не се доволни.

„За да го искорениме тероризмот, треба да се зафатиме со базите на
тероризмот“, изјави тој.

Турција во минатото повикуваше на формирање безбедносна зона на сириската територија за да се заштитат нејзините граници, но оваа
идеја наиде на ладен прием кај нејзините западни сојузници, забележаа француските медиуми.