Турција гради ѕид на границата со Сирија. Станува збор за делница долга 12 километри во близина на градот Рејханли, во провинцијата Хатај, главната точка криумчарење и премин на мигранти од Сирија, наведува приватната турска агенција Доган.
Турските власти засега се оградуваат и не ги коментираат овие наводи во медиумите.
Со оглед на тоа дека земјата е мост од каде џихадистите се упатуваат кон Сирија и обратно милитантите се упатуваат кон Европа, Анкара ја зголеми присутноста на безбедносните сили долж границата на Турција. Целта е да се спречат џихадистите да влезат во Сирија, како и милитантите да влезат во Турција.
Турската полиција уапси 16 лица кои се упатиле кон Сирија
Вестите дека Турција гради ѕид на границата со Сирија се појавија денес во медиумите, а турската полиција информира дека уапсила неколку лица во близина на границата со Сирија.
Лицата се уапсени под сомнение дека се обидувале да им се придружат на џихадистите, пренесува агенцијата Анадолија.
Како што информира полицијата, станува збор за 16 лица кои биле пресретнати во областа Елбејли. Според информациите, 14 од нив биле странски државјани.
Инаку во истата област пред два дена биле пресретнати 22 лица кои што имале намера да им се приклучат на џихадистите во Сирија.