Турција изведе нови удари врз курдски цели во Сирија

Турската армија објави дека извела нови удари во саботата врз цели на курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG) во северна Сирија.

Турските вооружени сили потврдија дека извеле удари врз позициите на сириските Курди во областа на градот Африн, кои преставуваат „легитимна одбрана“, поради претходните напади во овој сириски регион, кој од 2012 година го контролираат курдските милиции кои Анкара ги смета за поврзани со забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK).

Слични артилериски напади биле изведени и во петокот, потврдија од YPG кои ја имаат поддрпката од САД.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во неколку наврати последните денови се закани дека ќе изведе заедничка копнена операција со сириските бунтовници коишто ги поддржува Анкара за да ги истиснат сириските Курди од областа на границата со Турција.

Турскиот министер за одбрана Нуретин Чаникли оцени во петокот дека воената операција „дефакто започна“, но потврди дека копнените војски сѐ уште не навлегле на сириска територија.