Анкара во неделата ја критикуваше програмата на новата австриска влада составена од десните конзервативци и крајната десница, која остро се противи на пристапувањето на Турција на Европската унија.
„Оваа кусогледа изјава без никаква основа во програмата на новата австриска влада, за жал, ги потврдува стравувањата од политичката ориентација втемелена на дискриминација и маргинализација“, протестираше во неделата турското министерство за надворешни работи.
Доколку се оствари оваа програма, Австрија би можела да го загуби пријателството на Турција и ќе предизвика реакции коишто ги заслужува, се предупредува во соопштението на турската дипломатија.
Турскиот министер за европски работи Омер Челик оцени дека новата австриска влада почнала да ги уништува темелните демократски вредности. Во серијата твитови, тој вели дека австрискиот конзервативен канцелар Себастијан Курц е порадикален од крајната десница.
Челик, исто така, ја критикуваше Европската унија бидејќи не ја осудила програмата на австриската владејачка коалиција. „Да се игнорираат расистичките пристапи на програмите на австриската влада претставува покажување слабост“, додаде.
Преговорите за пристапувањето на Турција кон Европската унија се на мртвата точка од неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули 2016 година, и бранот апсења во Турција на лица кои Анкара ги смета за учесници во заговорот за пучот, но Брисел обвинува дека се кршат човековите права. Австрија сака формално прекинување на преговорите, но неколку клучни земји од ЕУ, особено во Германија, се противат на таков радикален потег.
Спогодбата за асоцијација меѓу тогашната Европска заедница и Турција беше потпишана во 1963 година. Апликацијата за членство во Европската унија, Анкара ја поднесе дури во 1987 година. Пристапните преговори за членство, пак, започнаа дури во 2005 година, а повеќепати беа усложнувани поради несогласувања што доведе до нивно прекинување. Во моментов отворени се 16 од 35-те поглавја од пристапните преговори.