Турција ќе го следи примерот на Франција и по воведување на вонредната состојба времено ќе ја суспендира примената на Европската конвенција за човекови права, изјави денеска турскиот заменик премиер Нуман Куртулмуш, пренесува МИА.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган доцна синоќа прогласи тримесечна вонредна состојба по минатонеделниот неуспешен обид за воен удар, истакнувајќи дека тоа ќе им овозможи на властите поефикасно да работат во разоткривање на одговорните за превратот.
Франција воведе вонредна состојба по терористичките напади во ноември минатата година, кога во Париз беа убиени 130 луѓе.
Куртулмуш во телевизиска изјава нагласи дека официјална Анкара би можела да ја укине вонредната состојба веќе за еден или за месец и половина.
Тој додаде дека при обидот за пуч имало „структурни и индивидуални“ разузнавачки грешки и во тек е процес за реорганизација на војската.