Турција во владина криза?

По министрите за економија и за внатрешни работи, Зафер Чаглајан и Муамер Ѓулер, оставка поднесе и министерот за животна средина Ердоган Бајрактар. Голем корупциски скандал ја тресе турската држава, додека повиците за оставка на премиерот Реџеп Таип Ердоган се множат.

Реџеп Таип Ердоган е изложен на силен притисок. Не само од повикот за поднесување оставка од страна на министерот Бајрактар.

Скандалозна афера ја тресе земјата од повеќе од една недела. Во меѓувреме, таа прерасна во владина криза. Против 24 -ца осомничени за корупција се водат истраги. Меѓу нив се синовите на министрите кои си поднесоа оставки, министрите за внатрешни работи и економијата, како и директорот на државната „Халкбанк“, Сулејман Аслан.

Обвинувањата се дека имало организирано поткуп на политичари, со цел да се прикријат нелегалните трансакции со злато на Халкбанк со Иран . Овие договори помагале да се саботираат кривичните ограничувања на ембаргото против Иран.

Премиерот Ердоган ја нарече акцијата на полицијата „валкана операција“ против Владата, предводена од подставени лица внатре и надвор од земјата. По масивни рации и апсења на десетици осомничени лица, Владата ги разреши од нивната функција, бројни раководни кадри на полицијата, меѓу кои беше и шефот на полицијата во Истанбул.