Во Турција утринава во 8 часот по локално, а 7 часот по средноевропско време се отворија гласачките места на кои граѓаните од оваа земја ќе гласаат на парламентарните избори, јави Танјуг, пренесе МИА.
Гласачките места, на кои ќе може да гласаат повеќе од 53,7 милиони граѓани на Турција со право на глас, се затвораат во 17 часот по локално време, пренесуваат француските медиуми.
Изборите за новиот состав на 550-члениот Парламент се одржуваат во критичен момент во модерната историја на оваа земја, со оглед на неизвесноста што лебди над нејзиниот пат кон ЕУ, нејзината способност да ја контролира 1.300 километри долгата граница со Ирак и Сирија, и иднината на 1,8 милиони сириски бегалци во Турција.
Овие избори претставуваат важен тест за партијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган, чија желба за измени на Уставот и издејствување поголеми претседателски овластувања може да ги попречи прокурдската Народна демократска партија (ХДП), како одлучувачки фактор за исходот од гласањето.
Според сите прогнози, ХДП може да ја освои четвртата позиција со малку над или под 10 отсто од гласовите, а токму тој процент е границата меѓу триумфот и поразот, бидејќи според стриктните правила само партијата која ќе го мине овој праг може да има свои пратеници во Парламентот, пренесува Танјуг.
Доколку ХДП освои повеќе од 10 отсто од гласовите, ќе може да и ги „замрси конците“ на Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган, која сака парламентарниот систем во земјата да го претвори во претседателски, а прокурдската партија дури може владеачката партија да ја присли на формирање коалиција.
Ердоган, кој повеќе од 10 години беше премиер пред во август 2014 година да стане претседател на Турција, сака АКП, чиј е сооснивач, да обезбеди за себе двотретинско мнозинство за измена на Уставот, но оваа партија сега се соочува со најголемиот изборен предизвик по 13 година на власт.
Откако АКП освои три убедливи победи на општите избори во 2002, 2007, и 2011 година, сега се јавуваат први знаци на слабеење на поддршката која оваа партија ја ужива, додека економскиот раст забавува, а се пожестоки се полемиките за тоа што критичарите го гледаат како авторитарна тенденција на Ердоган.