Странски турист, кој во саботата пристигнал во Солун со негативен тест, од вчера е хоспитализиран и приклучен на апарати на Одделот за интензивна нега во солунска болница, откако ги игнорирал првите симптоми на ковид-19 и му се влошила состојбата, јави дописничката на МИА од Атина.
За конкретниот случај информираше директорот на Одделот за интензивна нега во болницата „Папаниколау“ во Солун Никос Каправелос, говорејќи за грчките медиуми и рече дека станува збор за 65-годишен турист.
– Вчера на одделот за интензивна нега примивме турист од странска земја кој на 29 мај, во саботата пристигна во Солун со негативен тест од 72 часа. Истиот ден имал симптоми, не кажал на никој, ситуацијата му се влошила во неделата и во понеделникот, а во вторникот доцна вечер дојде во болницата „Папаниколау“ во тешка ситуација. Беше приклучен на апарати и сега е хоспитализиран на Одделот за интензивна нега – рече доктор Каправелос за државната телевизија ЕРТ.
За грчката телевизија „Скај“, тој објасни дека туристот не бил вакциниран, неговото семејство минатиот месец прележало ковид-19 и додаде дека треба да се истражи со каков тест пристигнал, но и дали бил претходно заразен, пред патувањето во Грција.
Докторот истакна дека за тоа дали земјата ќе ја стави под контрола пандемијата или не, многу е важно строго да се почитуваат протоколите предвидени за туризмот, бидејќи како што рече за ЕРТ, ова лето не е исто со ланското, затоа што туризмот е отворен, но и ширењето на вирусот е многу големо и не можат да знаат преку туристите, какви варијанти на ковид-19 ќе дојдат во Грција.