Туристичко-угостителскиот сектор ќе добие 7,5 милиони евра до крајот на годината

Туристичко угостителскиот сектор ќе добие финансиска поддршка од  7,5 милиони евра за сите пет мерки. Парите ќе се исплатат директно до секторот до крајот на годината, односно во ноември и декември. Ова им го соопштил министерот за економија Крешник Бектеши на денешната средба на претставници од секторот.

За мерката-грантови за ресторани се предвидени 60.000.000 денари, за грантови за игротеки се предвидени 153.000.000 денари, за грантови за лиценцирани туристички агенции се предвидени 116.850.000 денари, за грантови за туристички водичи 9.800.000 денари, додека за мерката поврат на уплатена туристичка такса за 2019 година се предвидени средства во висина од 120.000.000 денари.

Бектеши информирал дека на почетокот на следната недела ќе бидат објавени пет јавни повици за петте мерки кои се дел од Четвртиот сет на мерки кои што ги донесе Владата.

Сите туристички агенции, игротеки, туристички водичи, ресторани кои што организираат свадби и други правни лица од угостителскиот сектор кои што се опфатени со мерките ќе може електронски да аплицираат на платформата „Дома си е дома“ до крајот на месецот.

– Министерството за економија ќе ги обработува апликациите веднаш по нивното пристигнување, со цел за побрза и навремена исплата на средствата. Целта на овие мерки е преку директна финансиска поддршка да им помогнеме на сите туристички работници и угостители кои што како резултат на пандемијата имаа најголеми загуби – изјавил Бектеши.