Туризам во Албанија е пред колапс

Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша, денеска го обвини премиерот Еди Рама дека поради непревземените неопходни мерки за справување со последиците од пандемијата со ковид-19, албанскиот туризам е пред колапс.

Посебно го нагласува фактот што поради повеќето тешки месеци за албанските граѓани кои се на работ на екзистенција тие не може да заминат на одмор со своите деца па плажите се скоро празни, постирајќи при тоа фотографии од празни албански плажи.

Тој уште наведува дека туризмот е најпогодениот сектор од кризата и пандемијата поради што основната егзистенција ќе ја загубат стотици илјади работници.

-Во овие летни денови, повеќе од половина од албанските граѓани е невозможно да се одморат со своите деца, по неколкуте многу тешки месеци. И покрај тоа што сочинува 22 отсто од албанската економија, туризмот денес е најмногу погоден сектор од кризата и пандемијата. На 100.000 вработени во овој сектор и над 200.000 илјади други кои се поврзани со тоа, им се доведени во опасност работата и опстанокот на нивните семејства. Како резултат на кратковидоста на владата на Рама и неисполнетите ветувања за помош, ова лето албанскиот туризам минува најлоши денови,напиша Баша на Фејсбук.

Додава дека одговорна влада треба да ја субвенционира потрошувачката на граѓаните и да инјектира пари преку конкретни мерки за поддршка.

-На албанските граѓани, но и на бизнисите во туризмот им се потребни конкретни мерки и помош за да можат децата да ги одведат на плажи или планини и да функционира туристичкиот бизнис. Туристичката индустрија не може да оди напред со видео пропаганда на плажи кои денес се скоро празни. Празните ветувања остануваат само зборови и пропаганда од кои никој нема корист, смета Баша.

Според Институтот за статистика на Албанија во месец јуни бројот на туристи е помал за 75 отсто споредено со истиот месец минатата година а загубата се пресметува на 1,7 милиони евра.