Турска телевизија казнета поради девојченца во куси панталони

Турските власти казнија комерцијална телевизија со околу 266.000 американски долари, бидејќи во емисија за избор на талент прикажала девојченца како танцуваат во куси панталончиња.

Повикувајќи се на моралната опасност за децата, агенцијата за телекомуникации ја казни телевизијата TV8 поради емисијата „Yetenek Sizsiniz“, турската верзија на шоуто „Ти имаш талент“. Во неа настапила група девојченца на возраст од седум до единаесет години кои танцувале во куси панталончиња и маички без ракави.

Се очекува дека овој потег одново ќе ги разлути критичарите на владата, претседателот Реџеп Тајип Ердоган и неговата исламско конзервативна Партија на правото и развојот (AKP) дека се обидува да го уништи секуларизмот и човековите права на малцинските групи, геј заедниците и жените. Минатата година стотици жени протестираа во Истанбул поради насилства и закани над жените од мажите кои бараат да се облекуваат поконзервативно.

Државната агенција во споменатата одлука наведува дека „програмата чијашто содржина може да наштети на телесниот, менталниот и оралниот развој на децата и младите не може да се објавува“. Регулаторот, исто така, наведува дека примил поплаки од гледачите кои сметаат дека телевизијата ги искористила децата во „неморално шоу“.

„Граѓаните реагирале поради малолетните деца, од седум-осум години, кои поради гледаноста танцуваат полуголи, што може да се смета за злоупотреба“, се наведува уште во соопштението.