Турски државјанин е сомнителното лице кое вчера го бараа грчките власти во двата лета на Емирати

Турски државјанин со арапско потекло, според грчките медиуми е сомнителното лице кое грчките власти вчера го бараа во двата лета на Емирати од Атина кон Дубаи и Њујорк, по добиените информации од ЦИА, јави МИА од Атина.

Медиумите во Грција, повикувајќи се на извори од грчката полиција, денеска објавија дека конкретното лице било идентификувано и лоцирано во Атина каде што живее во изминатите години, а имало поднесено барање за американска виза, меѓутоа веројатно не е уапсен.

Весникот „Катимерини“ пишува дека безбедносните служби биле мобилизирани, откако амбасадата на САД во Атина добила мејл во кој пишувало дека конкретното лице ќе биде во еден од двата летови, додека пак државната телевизија ЕРТ објави дека во мејлот биле наведени причините зошто мажот треба да се смета за сомнителен за тероризам.

-Иако информацијата од надлежните не била оценета како посебно веродостојна, сепак било одлучено да се проверат патниците за секој случај. По расплетот на случајот, се разгледува можноста мејлот да е испратен, злонамерно, од лице кое припаѓа на околината на турскиот државјанин, пишува „Катимерини“.

Со слични информации излегоа и другите медиуми во Грција.

Вчера попладне во Атина беа извршени безбедносни проверки на два лета на компанијата Емирати, едниот со крајна дестинација Дубаи, кој полета со доцнење, а другиот, се врати на атинскиот аеродром откако леташе над Италија кон Њујорк.

Авионот слета во Атина кусо пред 22 часот по локално време, а грчката полиција соопшти дека по извршената проверка на сите патници, како и на авионот, не го пронашле лицето на кое се однесувале добиените информации, ниту пак пронашле било што друго сомнително.