Турски гигант преговара со Комерцијална банка за купување на Еуроникел, поранешен Фени

Турскиот гигант Јилдирим е во игра за купување на кавадаречки Еуроникел, дознава ТВ24 од извори блиски на деловни партнери на поранешно ФЕНИ. Оваа компанија веќе извесно време разговара и преговара со Комерцијална банка, која беше најголем доверител, а од пред три дена стана сопственик на имотот на Еуроникел.

Од банката не даваат детали, но потврдуваат дека се разговара со потенцијални инвеститори за продажба, што е и нивна крајна цел откако ја презедоа фабриката.

“Во изминатиот период Комерцијална банка оствари контакти со неколку потенцијални инвеститори и разговорите со истите продолжуваат и по превземањето на имотот од страна на Банката. Наша цел е што побрза продажба на имотот на реномиран и финансиски силен инвеститор и продолжување на дејноста во интерес на Банката, вработените и пошироката општествена заедница.”

Но, Јилдирим не е едистрвената компанија која сака да стане сопствник на македонскиот гигант за производство на фероникел. Една голема домашна компанија од металната индустрија од поодамна го мерка Еуроникел. Сепак, според наши извори, цената од речиси 38 милиони евра засега не и е исплатлива, оти се размислувало поранешно ФЕНИ да се купи за старо железо. Турски Јилдирим е мултикомпанија која има бизниси и во рударската индустрија. Веќе поседува слична фабрика на Косово, во која работат околу 800 луѓе. Познавачите команетираат дека ако Јилдирим ја презеде кавадаречката фабрика, тоа ќе биде одлична вест и за македонската економија и за вработените. Во меѓувреме, тие веќе втор месец се без плата. Бараат од сегашниот сопственик, да најде пари за личен доход.

„Како што имате обезбедено струја, со цел да не дојде до обезвреднување на имотот што имате намера да го продадете, а ние вработените да го чуваме, бараме да се обезбедат итно средства од ваша страна, да се исплати плата за октомври, а со тоа да се добие здравствено осигурување за декември. Доколку до крајот на месецот не најдете инвеститор, да се обезбедат средства и за плата за ноември, како ние би имале здравствено осигурување за јануари 2024 година.“

Кавадареки Еуроникел не работи веќе неколку месеци, откако поранешниот сопственик, бахамската Џи Сол крена раце од него.