Туск му одговори на Трамп: ЕУ и САД се најдобрите пријатели

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, реагираше во неделата вечерта на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамо, кој меѓу непријателите на САД ја наброја и Европската унија, истакнувајќи дека токму спротивно САД и ЕУ се „најдобрите пријатели“.

„Мислам дека Европската унија е непријател, поради тоа што ни го прават во сферата на трговијата“, изјави во интервјуто за американската телевизиска мрежа CBS News, претседателот Трамп.

„Америка и Европската унија се најдобрите пријатели… Кој и да кажал дека се непријатели, тој шири лажни вести“, истакна во својот одговор на Twitter, челникот на Европскиот совет.

Односите меѓу САД и Европската унија се затегнати во последниот период особено во поглед на трговијата, откако претседателот Трамп обвини за нечесен однос од страна на ЕУ во поглед на несразмерните царини за автомобилската индустрија и американските земјоделски производи, по што воведе царини на увозот на алуминиум и челик.