Туск порача дека не смее да се предадат шесте милиони кои бараат останување во ЕУ

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави во средата во Европскиот парламент во Стразбур дека не смее да бидат „предадени“ шесте милиони луѓе кои ја потпишале петиција за останување на Велика Британија во Европската унија.

„Не може да бидат предадени шест милиони луѓе кои ја потпишаа петицијата за отповикување на членот 50, милион луѓе кои маршираа барајќи референдум или растечкото мнозинство луѓе кои сакаат да останат во Европската унија. Тие може да чувствуваат дека не се доволно застапени во британскиот парламент, но мора да чувствуваат дека вие ги застапувате во овој дом. Бидејќи тие се Европејци“, рече Туск во својот говор пред претениците на Европскиот парламент кому му поднесе извештај за резултатите од минатонеделниот самит на ЕУ.

Туск повтори дека ЕУ треба да остане отворена за можноста за подолго одложување на излегувањето на Велика Британија за да може да размисли за својата стратегија, а што подразбира и учество на изборите за Европскиот парламент кои ќе се одржат од 23-ти до 26-ти мај.

Европскиот совет минатата седмица одобри одложување на брегзитот до 22-ри мај, доколку до петок британскиот парламент го потврди договорот со раздружување. Во спротивно, има рок до 12-ти април да се изјасни за следните чекори кои има намера Лондон да ги преземе: брегзит без договор, подолго одложување или отповикување на истапувањето од ЕУ. Останувањето во ЕУ по 22-ри мај значи дека Велика Британија мора да ги одржи европските избори, како и сите други земји членки.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, иронично забележа дека „сфингата во однос на Велика Британија е отворена книга“. Додаде дека не сака ништо друго да каже за брегзитот бидејќи „сѐ е кажано“. Челникот на пратеничката група на Европската народна партија, Манфред Вебер, ја поздрави одлуката Еропскиот совет за одложување на брегзитот, бидејќи дава правна безбедност во поглед на европските избори.

Челникот на социјалистите, Удо Булмон, ги прозва поборниците на брегзитот дека „ги лажеле луѓето и сега не знаат како натаму“. „Кога ќе соберете сили и ќе му се извините на британскиот народ за она што му го сторивте“, рече Билман.

Водечкиот поборник на излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Најџл Фараж, рече дека неговата земја во секој случај ќе истапи од Унијата и му порача на Туск дека се лаже доколку мисли дека Британците ги промениле мислењето. „Доколку има нов референдум, луѓето сигурно ќе гласаат за излегување“, рече Фараж и ги запраша присутните на пленарната седница „сакале ли повторно да ме видите во овој дом“. Фараж рече и дека договорот кој британската премиерка Тереза Меј го испреговара со Брисел е неприфатлив и повика да не биде одобрено одложување на излегувањето по 12-ти април.