Туск: Србите сами одлучуваат за својата иднина

Односите меѓу Европската унија и Србија, евроинтеграциите, регионалната соработка и инвестициите беа главни теми на средбата во средата вечерта во Белград на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Главната причина на посета на Белград, како што изјави на заедничката прес-конференција Доналд Туск, е подготовка за самитот на ЕУ и земјите од западен Балкан во мај во Софија. Исто така, рече дека сака да ја пренесе пораката дека ЕУ сака да остане најсигурен партнер на Србија и на земјите од западен Балкан за на самитот во Софија да се потврди подготвеноста на ЕУ за европската перспектива на регионот.

Туск изјави дека иднината на Србија нема да ја одлучува ниту Москва, ниту Вашингтон, како ни Анкара, ни Брисел, туку самите Срби ќе одлучуваат за својата судбина.

„Ќе одлучува само Белгард. А ЕУ е место каде никој никому ништо не наметнува. Затоа вреди на ЕУ да се гледа како на проект со стратешка димензија за просперитет, за висок стандард, демократија, со владеењето на правото и слобода на говорот, безбедност и взаемно почитување со зачувување на националниот идентитет“, рече Туск.

Додаде дека со српскиот претседател Александар Вучиќ разговарал и за состојбата на западен Балкан, истакнувајќи го залагањето на српскиот претседател за дијалог со Приштина, кое е „тешко прашање со голем емотивен набој“, но и дека ова прашање е стратешки избор кој на крај ќе се исплати.

Вучиќ кратко се осврна на косовското прашање, истакнувајќи дека е важно да се дојде до компромисно решение, а најмногу внимание на прес-конференцијата посвети на економските прашања, инфраструктурните проекти и помошта од ЕУ.

„Разговаравме за автопатот Ниш – Приштина кој е значаен и за регионот и побарав да се забрза процедурата во ЕУ и пред крајот на годината да почнеме со изградба на првата делница на овој пат од Ниш до Плочник, која е проценете на 350 милони евра“, рече Вучиќ.

Додаде дека со Туск разговарал и за кофинансирањето на гасната интерконеција со Бугарија, за што од ЕИБ Србија има добиено грант од 45,5 милиони евра, како и за доизградба на Клиничкиот центар во Белград, за што ЕИБ ќе даде 200 милиони евра.

На состанокот, Вучиќ и Туск се сретнаа и со претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер и присуствуваа на потпишувањето на Договорот за финансирање меѓу ЕИБ и контролата на воздушниот сообраќај на Србија и Црна Гора (SMATSA), во вредност од 126 милиони евра за контролната кула на аеродромот во Ниш.