Тутунски комбинат Прилеп ќе се тргне од листата загубари

Тутунскиот гигант „Филип Морис интернешенал“ и Тутунскиот комбинат Прилеп (ТКП) денеска потпишаа договор за стратешко партнерство. Со самото спојување на двете комапнии, од денеска па понатаму, тие ќе го користат името „Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп“.

Потпишувањето се случи меѓу актуелниот директор на ТКП, Александар Дервенџиев и претставниците на „Филип Морис“.

На свечениот чин покрај премиерот, Никола Груевски, присуствуваа и двајцата вицепремиери, Владимир Пешевски и Зоран Ставрески.

Пешевски во своето излагање истакна дека со договорот за стратешко партнерство се формира нова компанија ДОО Тутунски комбинат-цигари ДООЕЛ Македонија, во која Филип Морис има 51 отсто од сопственоста, а ТКП со 49 отсто.
„Со новата комапнија ќе управува „Филип Морис“, бидејќи има поголем дел од сопственоста, истото ќе се случи и со распределбата на добивката, ќе се дели во овој соодност. Позитивни ефекти ќе има за сите и за вработените, и за самата компанија, како и за земјоделците. Со овој договор ТКП од загубар, повторно ќе стане профитабилна фирма“, рече Пешевски.

Директорот Дерменџиев, пак истакна дека овој договор е од историски картактер, бидејќи се потпишува со гигант како Филип Морис.

„Овој договор е предуслов по точно една деценија, ТКП да излезе од листата на заубари. Бенефит од договорот ќе има и за двете страни, основите ги поставивме, сега не чекаат предизвиците“, изјави Дерменџиев.

Стејси Кенеди, потпретседател на „Филип Морис“ за Југоисточна Европа истакна дека договорот ќе донесе бенефит и успех и за двете компании, бидејќи кога ќе се спојат искуството и традицијата не може, а да не се успее.

Мирослав Зијелнски, претседател на „Филип Морис“ за Источна Европа, Блискиот Исток и Африка. пак, додаде дека Македонија во светот се наметна како атрактивна дестинација за инвестирање, а тоа го покажува секојдневното инвестирање на странски фирми.

Ставрески, пак, додаде дека со слкучувањето на овој договор, се крунисаа напорите да се најде конечно решение за ТКП. Тој додаде дека од договорот ќе произлезат три придобивки.

„Првата придобивка е за производителите на тутун, кооперантите , кои се околку 5.000, како и на сегашните вработени, кои се 1.000 лица. Со договорот ќе им се обезбеди стабилна иднина. Втората придобивка ќе биде за ТКП, тие конечно ќе бидат профитабилна фирма, ќе ја подобрат ликвидноста, пласманот, учеството во пазарот. А, третата се однесува на Република Македонија, бидејќи добивме нов бренд и покажавме дека Македонија е добра дестинација за инвестирање“, рече Ставрески.

ТКП во јули 2013 година распиша повик за заедничко вложување и формирање на една единствена фирма која ќе работи со профит.