Во пресрет на средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ со рускиот претседател Владимир Путин, утре во Сочи, угледниот руски новинар за надворешна политика Евгениј Примаков Јуниор, како и балканскиот експерт Никита Бондарев, тврдат дека шпионската афера со руските агенти е објавена во српските медиуми за да се сврти вниманието од аферата со трговија на оружје, во која, според руските експерти, вмешани се највисоките државни функционери на Србија, објави белградската ТВ Н1.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, внукот на славниот Евгениј Примаков, кој воедно е и пратеник во Руската Дума од партијата на Путин, во авторска емисија на телевизијата Русија 24, прашува зошто снимката за активностите на рускиот агент од ГРУ (Руска воно-разузнавачка служба) е пуштена во српската јавност.
-Интересна е случајноста како до тоа дојде. И, особено, да откриеме зошто токму сега, праша Евгениј Примаков.
Соговорникот на Примаков беше експертот за Балканот и личен преведувач на Путин за време на посетата на Белград минатиот јануари.
-Веќе со недели во српската јавност актуелна е темата, која недоволно е застапена во руските медиуми, а која се однесува на извозот на српско оружје, минофрлачки гранати произведени во фабриката Крушик. Српската страна во постигнување на договорот ја преставуваше српска фирма чиј преставник беше таткото на министерот Небојша Стефановиќ, кажа Никита Бондарев.
Бондарев смета дека токму поради аферата со оружје му се има слошено на претседателот на Србија.
-И, токму кога сето тоа се случува, Вучиќ завршува во болница на три дена и е недостапен за медиумите за каков било коментар, и токму тогаш се појавува познатиот “шпионски скандал”. Малку познатиот бугарски портал ова го објавува, а снимката е професионална, оцени Бондарев.
Во меѓувреме, како што објави ТВ Н1, откритијата на БИРН за трговијата со оружје со Саудиска Арабија укажуваат на голема разлика во цената по која Крушик ги продавал своите производи преку фирмата ГИМ, како и цената што ја достигнале препродавачите на мините на Крушик.
Објавените документи се противречни на изјавата на министерот на полицијата Небојша Стефановиќ, кој тврдеше дека неговиот татко нема никаква врска со ГИМ. Тие исто така говорат дека Бранко Стефановиќ не е обичен работник во таа компанија, како што тврдеше претседателот на Србија.