ТВ-серијата „Зоки Поки“ по Шведска ќе се емитува и во Норвешка, на националната телевизија

Телевиската серија „Зоки Поки“, по Шведска, ќе се емитува и на Норвешката национална телевизија „НРК“, соопштија од продуцентската куќа „Кино Око“.

„НРК“ е јавен сервис, но и најгледаната телевизија во Норвешка. Од медиумот велат дека речиси секој жител на Норвешка користи барем еден од нивните сервиси во текот на денот. За „Зоки Поки“, тоа значи потенцијал за особено широка гледаност.

Минатата недела беше соопштено дека тв-серијата работена според култната книга на Оливера Николова е откупена од шведската национална телевизија и ќе се прикажува на нивниот национален канал „СВТ“.

-Претстојното емитување на „Зоки Поки“ во Шведска и Норвешка е од историско значење за македонската кинематографија. Досега, немало друга македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала во двете земји во Скандинавија, велат од „Кино Око“.

Заслугата за емитувањето во овие две земји е на дистрибутерот „Видеоплугер“ од Лондон, кои го препознаваа интернационалниот потенцијал на серијата, велат од „Кино Око“.

-Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија. Емитувањето на НРКʼ, сервис кој е светски познат за квалитетот на продукциите, е доказ за тоа дека бевме во право и дека ʻЗоки Покиʼ ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници“, вели Емануеле Галони, извршен директор на „Видеоплугер“.

И од Норвешка се убедени дека „Зоки Поки“ е соодветна серија за „НРК“.

-Кога првпат ја гледав ʻЗоки Покиʼ, бев прилично сигурен дека ова ќе биде соодветна серија за „НРКʼ. Приказните од Македонија имаа универзален карактер и мислам дека децата од Норвешка ќе се поврзат со нив. Тие се топли и смешни, кастингот е одличен, а квалитетот на продукцијата е навистина добар“, вели Каре Снипсојр, директор за набавка на програма во „НРК“.

Модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

„Многу сум возбуден што ʻЗоки Покиʼ ги задоволи високите скандинавски стандарди за детска програма. Ова е доказ за универзалноста на серијата и на темите кои ги обработува и кои се интересни за децата од целиот свет. Емитувањето на ʻЗоки Покиʼ на ʻНРКʼ е огромен успех за мојата продукција и за македонската кинематографија“, вели продуцентот Роберт Насков.

За режисерот Александар Поповски, приказната за Зоки Поки има во себе еден заборавен свет на вредности кои во нашето детство беа секојдневие.

-Серијата зрачи со топлина и сигурност. Ме потсеќа на времето кога верувавме дека надворешниот свет е најсигурниот и најубавиот свет за секое дете“додава режисерот Поповски.

За режисерката Марија Апчевска „Зоки Поки“ е остварување на сонот што уште многу генерации на деца ќе растат со оваа серија.

-Неизмерно многу сум горда и благодарна за препознавањето на квалитетот, но и за пошироката, меѓународна димензија што ʻЗоки Покиʼ ќе ја добие со ова емитувањевели Апчевска.

Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.

Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, а режисери на епизодите Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.