Њујорк поради коронавирусот ја распоредува Националната гарда

(US Air National Guard / Staff Sergeant Christopher S Muncy / released)

Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк соопшти во вторникот дека донел одлука за распоредување на војниците на Националната гарда во Њу Рочел/Рошел, во северното предградие на Њујорк, жариштето на епидемијата од новиот коронавирус Covid-19 во оваа сојузна држава.

Гувернерот Ендрју Куомо соопшти дека војниците на Националната гарда, чија бројка не ја наведе, ќе ги распореди во „зоната за изолација“ во радиус од 1,6 километри од градот со 80.000 жители, со задача да „осигураат снабдување на населението со храна и дезинфекции на училиштата“.

Новите податоци коишто Куомо ги објави во вторникот на својот профил на Twitter покажуваат дека во округот Вестчестер, во кој е Њу Рошел, сега има 108 потврдени случаи на зараза со коронавирус, од вкупно во 173 во државата Њујорк.

„Ова е единствен пример во САД, ова никаде го немаме видено. Има двојно повеќе заболени во Њу Рошел отколку во градот Њујорк, тоа е феномен… Ова е драстична мерка, но тука е најголемата концетрација на заразените во земјата и ова е буквално прашање на живот или смрт“, изјави гувернерот Куомо на прес-конференција.

Гувернерот, покрај тоа, најави дека училиштата во „зоната на изолација“ ќе бидат затворени во четврток на две седмици, како и верските објекти и другите места на кои се собираат поголем број луѓе. Продавниците ќе работат и не е прогласен општ карантин.

Се чини дека вирусот во Њујорк се проширил од синагогата којашто е во центарот на областа на изолацијата. Покрај Њујорк, второто големо жариште на епидемијата во САД е Сиетл, во сојузната држава Вашингтон.

Универзитетот „Џонс Хопкинс“ го објави податокот дека САД, каде што малку луѓе се тестирани на коронавирусот, досега се регистрирани 791 случај на заразата. Починаа 27 луѓе, од кои 23 во сојузната држава Вашингтон, а во Њујорк сѐ уште нема смртни исходи на заболувањето. Овие податоци не го вклучуваат првиот смртен случај во Њу Џерси за што во вторникот извести гувернерот на оваа сојузна држава којашто граничи со Њујорк.