Вардар од следната недела ќе има одблокирана сметка и ќе може да функционира нормално кога се финансиите во прашање.
„Декемвриската ревизија која ја направивме покажа дека долгот е многу поголем од она кое претходно ни беше кажано. Кон УЈП клубот должи 3.000.000 евра, кон приватници долгот е 1.400.000 евра, кон ПУИК должиме 200.000 евра. Вкупната сума е нешто под 5.000.000 евра“, вели Миленко Неделковски.
Тој потенцираше дека е постигнат договор со УЈП за долгот да се плаќа на рати, па сметката во текот на следната недела ќе биде одблокирана. Клубот ќе го плаќа долгот на 36 рати.
„Одблокираната сметка значи дека во Вардар ќе можат да се слеваат пари од повеќе финансиери бидејќи многу од нив не сакаа да влезат додека клубот има блокирана сметка. Клубот од идната сезона ќе има буџет од 3.000.000 евра, но во таа сума се вклучени и ратите за долгот“, рече Миленко.
Тој потенцираше дека дел од оние на кои им се должи излегле во пресрет и помогнале да се тргнат блокадите за клубот, од седум било побарано тоа да го сторат, позитвно одговориле Горан Попов, Бенџамин Демир, Гоце Седлоски, Матеј Цветаноски и адвокатката.
Миленко Неделковски рече дека целта на клубот е да биде финансиран од повеќе компании, а не да има еден сопственик кој сам ќе биде финансиер. Тој најави дека со одблокирање на сметката во блиска иднина ќе влезат пари од неколку компании, а три од нив се странски.