УЈП и ДИТ потпишаа договор за размена на податоци и соработка

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска и директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска, денеска потпишаа Договор за размена на податоци и соработка. Со овој документ се унапредува меѓуинституционалната соработка и се овозможува поголем увид во тоа кој работодавачи согласно, законски предвидениот рок, задоцнето или воопшто не поднеле МПИН пресметка за плати, исплатиле плати помали од минималната плата или неисплатиле регрес за годишен одмор.
Лукаревска, појасни дека овие податоци и досега се доставуваа до ДИТ, но сега опсегот е поголем.

-Со овој договор за соработка, се јакнат капацитетите на двете институции, се создава солидна основа за партнерско справување и јакнење на механизмите за навремена постапка и заштита на работниците од доцнење и не исплаќање на плати и заштита на други права од работен однос, -рече Лукаревска.

Томовска, појасни дека на овој начин во реално време ќе имаат увид кои фирми задоцнето или воопшто не поднеле МПИН пресметка по што ДИТ како надлежен орган ќе направи увид и ќе ги презема понатамошните активности согласно нивните надлежности.

УЈП како надлежна институција за контрола, утврдување, присилна наплата на придонесите од задолжителното социјално осигурување го известува надлежниот инспекторат на труд, за работодавачите кои не извршиле пресметка и исплата на плати, односно најниска плата за претходниот месец во согласност со Законот за работни односи.

Потписничките истакнаа дека практичната примена на оваа соработка почнува веднаш. Со ова како што рекоа, се јакнат механизмите за заштита на работничките права утврдени согласно Законот за работни односи.