Уапсен човек кој го организирал превозот на Хајризи

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ информираше дека во Бјелина полицијата на Република Српска го уапсила 39-годишниот З.Р. кој е осомничени дека го организирал и помагал во транспортот на озлогласениот убиец Фатон Хајризи од Прешево до Лозница, а уапсена е и неговата сопруга за која вели дека му била помошник.

Српските медиуми пишуваат дека таксистот кој ја дочекал полицијата изјавил дека Фатон Хајризи му рекол дека оди во хотел кој го води извесен Марко Марковиќ. З.Р. требало да го однесе Хајзири од Тутин до Трбушница, за да продолжи до Бјелина, каде што се наоѓал јатак – човек кој може да го скрие.

Фатон е во бегство. Не се знае дали тој успеал илегално да ја премине границата преку реката Дрина, за што во моментот во областа Шемберија во Република Српска има засилени патроли.

Артан Хајризи, братот на Фатон, за косовски Лајми.нет кажа дека Фатон дошол во Германија и му ги украл документите за да се претставува како него.

Косовскиот пасош и германската лична карта на братот на Фатон, Артан Хајризи, беа пронајдени од страна на српската полиција откако завршило пукањето во Лозница во кое беше убиен еден 34-годишен, а ранет беше 50-годишен полицаец од граничната полиција на Србија.

Според документите, се сметаше дека Артан е тој што синоќа пукал кон двајца полицајци граничари. Но, според Артан, Фатон го користел неговиот идентитет.

– Фатон дојде овде и ми ги украде документите – рекол Артан во директниот пренос.

На новинарското прашање како дознал за овој настан, тој одговорил:

– Дознав од пријател. Сите сме во шок, не можеме да веруваме дека вакво нешто може да се случи.

Артан додал дека го пријавил исчезнувањето на документите во полиција во Хановер.

– Документите ми ги зеде од масата во ходникот каде секогаш ги чувам заедно со клучевите –  изјавил тој.

Истата приказна претходно ја имал и нивниот татко Мустафа Хајризи.

– Фатон отишол во Германија кај неговиот брат и му го украл пасошот. Артан работи 8 години во Германија, се слушнавме со него – изјави Мустафа.

Граничните полицијаци го запреле возилото во кое бил Фатон кај Липнички Шор близу Лозница заедно со уште еден маж и побарале од лицата да ги отворат торбите. Во тој момент едно од лицата извадило пиштол и пукало кон полицајците.

Фатон Хајризи е добро познат како озлогласен криминалец кој дури девет пати бега од затвор, а по последното бегство се огласил на социјалните мрежи. Тој бил осуден за убиство на руски војник, припадник на КФОР.

– Јас сум Фатон Хајризи, кој од редовите на ОВК замина во војна како 14-годишник. Јас сум Фатон Хајризи кој делуваше на северот во 2006-2007 година за доброто на оваа земја. Не е нормално, 23 години ме држеа во затвор, денес имам 40 години – рекол тој на ТикТок по последното бегство од затвор.