Уапсен е еден од тројцата разбојници кои лани упаѓајќи во куќа во скопското село Глуво убија маж, а со кујнски нож ја бодеа неговата сопруга. Осомничениот избегал во Швајцарија, но влегол во Македонија на 11 септември годинава. Претходно имал издржано казна од 15 години затвор и имал сторено и друго такво разбојништво со смртен исход. Надлежниот јавен обвинител доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Се работи за 53-годишен жител на Прилеп, против кого скопското Обвинителство донесе Наредба за истражна постапка. Крвавиот чин се случил лани, на 8 ноември. Тројцата разбојници влегле преку прозорец во куќата. Жената ги забележала и го викнала сопругот, а тие го собориле на земјата и го удирале нанесувајќи му тешки телесни повреди.
Сопругот починал на 19 ноември истата година од внатрешното крварење во мозокот. Разбојниците одзеле 30.000 денари, шест златни прстени и две златни алки.